До понеделник треба да се знаат „контролорите“ на медиумите

Партиите до понеделник треба да ги објават имињата на членовите на привременото тело што ќе врши надгледување на работата на медиумите во предизборието и за време на изборниот процес. Медиумските организации не дадоа поддршка на ваквото решение.

Истекува првиот рок поврзан со медиумите по усвојувањето на законските измени кои партиите ги договорија на 20 јули. Партиите, според роковите предвидени во измените на изборниот законик, најдоцна до понеделник треба да ги објават имињата на членовите на привременото тело што ќе врши надгледување на работата на медиумите во предизборието и за време на изборниот процес. Очекувањата се дека партиите тоа ќе го сторат викендов.

СДСМ преку јавен оглас побара да се пријават професионалци за членови на телото и за уредник на јавниот сервис, а на огласот се пријавиле повеќе од 20 кандидати.

Медиумските организации не дадоа поддршка на ваквото решение, ниту, пак, учествуваат во изборот. Не е познат критериумот како ВМРО-ДПМНЕ ќе го избере својот претставник. Петтиот член треба да го изберат четворицата претставници, а директорот на агенцијата да го назначи најдоцна 15 дена по нивното именување.

„Делот каде што ќе има препукувања е петтиот член, затоа што за него треба согласност од сите. Земајќи предвид колку им е битно на нашите политички партии да имаат влијание во медиумите, мислам дека тој дел ќе генерира малку тензии, но во суштина мислам дека на крај роковите ќе се испочитуваат“, вели аналитичарот Алберт Муслиу.

Законот стапи во сила на први август кога беше објавен во Службен весник.

Според измените на изборниот законик донесени во собранието на 28 јули, во рок од седум дена од влегување во сила партиите треба да ги предложат четирите члена. Целата процедура, вклучително и изборот на петтиот член, би требала да заврши до кај 19 август. Во почетокот на септември, пак, ако партиските лидери на 31 август се согласат дека се исполнети условите за избори, по предлог на СДСМ треба да се именува и главниот уредник на јавниот сервис.

Муслиу, покрај за ад хок телото, очекува да има мали одолговлекувања и за првиот човек на МРТВ. Предвидено е тој да се избере по предлог на најголемата опозициска партија, но во консултација со другите партии, што остава простор за несогласувања. Во другите делови, според него, можни се само препукувања во медиумите, но не и реални одолговлекувања.

„Самиот договор е толку прецизно направен што не остава многу простор за препукувања“, нагласува Муслиу.

Доколку се одлучи дека се исполнети условите за избори во декември и преодната влада со прецизирани ингеренции на министерот за внатрешни работи би требало да се формира во почетокот на идниот месец.