Ново протекување на лични податоци на новинари во Украина

Украинскиот националистички веб сајт „Миротворец“ објави нови лични податоци на новинари од Украина и од странство. Тие објавуваат мејлови, копии од лични карти и пасоши, копии од новинарски легитимиации и други лични информации на новинари. На сајтот и претходно беа објавувани лични податоци на новинари, за кои се вели дека соработувале со проруските сепаратисти во источниот дел на Украина. Советник во министерството за внатрешни работи го пофали сајтот и рече дека интернет страницата станала електронски ресурсен центар.

Заменик-министерката за информатичка политика Тетјана Попова, која се противеше на овој сајт најави дека ќе си поднесе оставка, затоа што, како што вели, се прави напад врз новинарите и слободната на говор, а властите не успеале да го спречат тоа. Веб сајтот вели дека имаат за цел да ги објават непријателите на Украина, бидејќи овие новинари соработувале со борци од терористички организации. Украинскиот претседател Петро Порошенко го осуди претходното протекување на личните податоци на новинарите во мај, но интернет страницата „Миротворец“ никогаш не беше затворена.