Трамп: американизам, не глобализам

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп ја прифати претседателската кандидатура

Доналд Трамп ја прифати номинацијата на Републиканската партија за претседател на САД, ветувајќи „американизам, не глобализам“ доколку биде избран за Белата куќа. Тој го обвини веројатниот негов ривал од Демократската партија Хилари Клинтон дека оставила зад себе „смрт, деструкција и тероризам“.

Обраќајќи им се на делегатите на последниот четврти денна републиканската конвенција во Кливленд, Охајо бизнисменот, милијардер и поранешна ѕвезда на телевиски риалити шоуа Доналд Трамп изјави дека Соединетите држави се соочуваат со момент на криза и вети дека неговиот план ќе ја стави Америка на прво место.

„Се додека сме водени од политичари кои не ја ставаат на прво место Америка, се дотогаш можеме да бидеме сигурни дека другите земји нема да ја третираат Америка со почит“, рече Трамп, политички аутсајдер кој никогаш немал некаква јавна функција и чиј подем го потресе американскиот политички систем.

„Нашата конвенција се случува во момент на криза за нашиот народ. Нападите врз нашата полиција и тероризмот во нашите градови му се закануваат на нашиот начин на живот. Секој политичар кој не ја сфаќа оваа опасност не е способен да ја води нашата земја“.

Тој повика на итна суспензија на имиграцијата од секоја земја која, како што рече,е компромитирана со тероризам.

„Секој кој поддржува насилство, омраза или угнетување не е добредојден во нашата земја и никогаш нема да биде “, изјави Трамп кој по една од најмаркантните претседателски кампањи во американската модерна историјауспеа да ја добие номинацијата од една од двете најголеми партии во таа земја и тоа постојано напаѓајќи дека американскиот политички систем бил наместен.

За цело време тој е обвинуван и од политичките противници и од републиканците, за ксенофобија и расизам и за неговите контроверзни коментари за имигрантите и муслиманите.

Сето тоа предизвика длабоки поделби во Републиканската партија кои еруптираа за време на конвенцијата.

Единствениот елемент кој се чини дека целосно ги обедини сите различни фракции во партијата е нивната определба да се порази Хилари Клинтон, најверојатниот ривал на Трамп на изборите на 8 ноември.

Токму таа беше главна цел на обвинувањата за време на неговиот говор во Кливленд.

Според Трамп, политиката на Клинтон како државен секретар довела до подем на милитантите на ИД и до хаос во Либија, Египет и Сирија.

Тој исто така го обвини претседателот Барак Обама за пораст на расните немири со реторика која според Трамп, била неодговорна.

Говорот на Трамп на конвенцијата дојде еден ден откако изјави дека како претседател, тој автоматски нема да им помогне на балтичките земји во НАТО ако бидат нападнати од Русија.

На тоа реагираше американскиот државен секретар Џон Кери кој им гарантира на сојузниците во НАТО дека Соединетите држави остануваат целосно посветени на нивната одбрана.