Што значи вонредната состојба во Турција?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ердоган прогласи вонредна состојба во Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи вонредна состојба по неуспешниот воен пуч што доведе до масовни апсења во армијата, полицијата, судството и образованието. Ердоган изјави дека состојбата ќе трае три месеци и ќе и овозможи на владата поефикасно да се справи со организаторите на државниот удар.

Вонредната состојба им овозможува на претседателот и на владата да го заобиколуваат парламентот во носењето нови закони и да ги ограничуваат, па дури и да ги суспендираат правата и слободите доколку оценат оти е тоа неопходно.

Ердоган овој потег го најави во директен телевизиски пренос пред министрите во владата по петчасовниот состанок на Националниот совет за безбедност.

„Целта на ова декларација на вонредната состојба всушност е да се овозможат најефикасните чекори за да се отстранат овие закани што е можно побргу“ изјави Ердоган, додавајќи:

„Оваа практика апсолутно не е против демократијата, владеењето на правото и слободите, туку токму напротив, таа има за цел зајакнување и заштита на овие вредности“, рече тој.

Околу 60 илјади војници, полицајци, судии, јавни службеници и професори се суспендирани, приведени или се под истрага по неуспешниот државен удар на 15 јули.

Сето тоа ја предизвика големи тензии во 80-милионската Турција, земја која граничи со Сирија каде што беснее граѓанска војна и која е сојузник на Западот против милитантите на Исламската држава.

Пред објавувањето на вонредната состојба, Ердоган изјави дека се уште не било ништо завршено и оти верува дека некои странски земји би можело да се вклучени во обидот тој да биде соборен од власт.

Тој повтори дека зад пучот стои турскиот свештеник кој живее во САД Фетула Ѓулен.

Ердоган, кој како премиер или претседател ја води Турција од 2003 година, вети дека ќе го исчисти, како што рече, вирусот од сите институции.

Масовните апсења во Турција предизвикаа загриженост меѓу западните сојузници со забелешка дека Ердоган ја користи ситуацијата за да се справи и со оние противници кои не биле поврзани со воениот удар.

Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази уверување дека Турција и натаму ќе биде силен сојузник во Алијансата во справувањето со натамошните предизвици.

Новинските агенции потсетуваат дека вонредна состојба во Турција последен пат беше воведена во 1987 година, но само на југоистокот на земјата, додека турските сили за безбедност се бореа против курдските бунтовници во таа област.

Според законот, за време на вонредната состојба можат да бидат ограничени сообраќајот, собирите, движењата во некои места и да се вршат претреси на граѓани.

Со вонредната состојба се укинуваат сите уставни ограничувања за издавање претседателски декрети. Последната вонредна состојба, онаа од 1987 траеше до 2002 година.