Владата на РМ: Намалувањето на ИПА средствата не се санкции

Не се работи за санкции туку за намалување на програмирани средства, се наведува во реакцијата од владината прес-служба по одлуката на Европската Комисија за намалување на средства од ИПА фондовите за Македонија.

Оттаму истакнуваат дека со мотивите и целите на одлуката најдобро е запознат органот кој ја донел таа одлука и наведуваат дека за тоа има два аспекта: внатрешен и надворешен.

„Внатрешниот е поврзан со фактот дека повеќе од една година лебдеше спроведување на избори. Во тој период институциите беа политички хендикепирани преку блокирачки механизми во неколку клучни министерства, вклучително и Министерството за финансии. Најголемата опозициска партија своето учество во владата не го искористи за зголемуванје на довербата во избирацкиот процес, како што е предвидено со договорот. Сосема спротивно, фокусот го стави на блокирање на институциите и правење што поголема штета за државата“, се вели во реакцијата.

Од Владата додаваат дека надворешниот аспект е поврзан со искуствата на ЕК во претходните процеси на проширување, каде масовно се финансираа инфраструктурни и други проекти преку пристапни или подоцна структури фондови во нововлезени земји.

„Ефикасноста во тие трошења предизвика многу аларми. Како последица, со новите инструменти за пристапна помош предвидени се повеќе рестрикции, кои ги ограничуваат обемот и областите на прилив на европски фондови, согласно тековните планирања, трошења и приоритети. Согласно поуките од минати грешки во проширувањето со други земји, денес приливот на средства е многу порестриктивен“, соопштуваат од владината прес-служба.