ЕК скрати 27 милиони евра од ИПА фондовите за Македонија

Belgium -- The Berlaymont building: the headquarters of European Commission in Brussels (Bruxelles), 19Feb2016

Европската комисија скрати над 27 милиони евра од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за Република Македонија, потврди портпаролката на Еврокомисијата, Маја Коцијанчиќ наведувајќи дека одлуката е поради недостаток на подготвеност и зрелост при планирање во клучните сектори за кои овие средства требале да бидат наменети, за неисполнувањето на општите реформски обврски на Македонија како резултат на влошениот политички контекст во земјата, како и поради политичката криза што трае веќе втора година во земјата.

„Последните неколку години, а посебно минатата година, ЕК во неколку наврати ја објасни својата загриженост до надлежните органи во врска со недостатокот на подготвеност и недостаток на зрелост во планирање во клучните сектори, како и недостатокот на политичка посветеност за реализација на потребните секторски реформи и погенерално на општите реформски обврски. Како резултат на тоа, Комисијата сега мораше да ја намали финансиската помош на ЕУ што беше предвидена за 2016 година, како и да одлучи да не продолжи со друг проект, истакна Коцијанчиќ.

Таа додаде дека „влошениот политички контекст е една од причините зошто Владата и администрацијата, за жал, не беа во можност или немаа волја да ги исполнат обврските за реформа или да ја покажат потребната подготвеност да ги планираат потребните реформи или да ги имплементираат фондовите на ЕУ во овие области.“