Полицајците ги заштитувале СПУКМ од боење и ласери

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

СПУКМ во неколку наврати побарал полициска заштита. Полицијата наведува дека се распоредила за да држи безбедно растојани меѓу Парламентот и Пленумот. ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави реакцијата на МВР, СДСМ бара оставка од министерот.

Министерството за внатрешни работи преку соопштение се огласи за протестот пред седиштето на Студентскиот парламент. Во него се наведува дека и писмено, а потоа и телефонски СПУКМ побарал полициска заштита за време на изборите, а и подоца, за пренос на кутиите и за заштита на седиштето на Студентскиот парламент. Како што наведуваат од МВР, тоа било побарано оти биле упатени јавни закани во медиумите и социјални мрежи за попречување на избирачкиот процес и кршење на кутии. А потоа било попречено и внесување на избирачкиот материјал за пребројување во канцелариите на СПУКМ.

Вечерта по изборите откако бројот на студенти пред седиштето на СПУКМ се зголемил на околу 150 и почнале да тропаат по вратата, при што ја оштетиле, пишува МВР, биле испратени полициски сили.

Претставниците на СПУКМ трипати побарале полициска помош оти се плашеле да излезат надовор, затоа што добиле закани дека ќе ги бојадисаат ако излезат, а им светеле и со ласер, пишува во соопштението на МВР.

По што биле распоредени полицајци кои поставиле блокада, за како што наведуваат, групатата да се одржи на безбедно растојание и да се овозможи студентите кои се наоѓале во објектот, слободно да го напуштат.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ и Сорос го оспориле правото на избор на студентите. Од таму обвинуваат дека СДСМ и Сорос се обиделе да предизвикаат насилни инциденти за време на гласањето.

Од партијата ја поздравуват, како што велат, присебната и професионална реакција на полицијата која не дозволила да ескалира вандализмот и насилството и не подлегнала на провокациите и навредите упатувани од активистите на СДСМ и Сорос.

Претходно Студентскиот пленум побара одговорност од МВР за вчерашното однесување на полицајците за време на блокадите и најави протест за вечерва пред зградата на Студентскиот парламент. Пленумци бараат да се поништат изборите за претседател на СПУКМ. Опозициската СДСМ ќе го поддржи протестот на студентите. СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи Митко Чавков, за, како што велат, злоупотребата на полицијата.