Иванов - Маша за разгорување на огнот

Вчерашниот говор на претседателот Ѓорге Иванов во стилот на минатиот режим, со кој се прогласуваат внатрешни и надворешни непријатели, само придонесува за продлабочување на кризата.

Говорот на претседателот Ѓорге Иванов во кој тој кажа дека со аболициите спречил граѓанска војна, многумина аналитичари го протолкуваа како неевропски и во стилот на минатиот режим, со цел да се прогласат внатрешни и надворешни непријатели за политичката криза без државничка одговорност од негова страна. Оценувајќи го неговото обраќање како прилично неодговорно, Алберт Муслиу го нарече Иванов нервозен политичар кој тешко може да образложи два дијаметрално различни акти, едниот аболицијата, а вториот - нејзиното повлекување.

„Тоа беше говор во стилот на минатиот режим и минатиот период кога прогласувавме внатрешни и надворешни непријатели, секогаш вината ја баравме на некое друг место, а никако во себе“, вели Муслиу.

Тој смета дека говорот на Иванов бил реакција на неговата внатрешна нервоза по сè што се кажа во Собранието за време на иницијативата за отповикување.

Мирјана Најчевска вели дека и понатаму Иванов е марионета во рацете на владејачката партија со цел продлабочување на постоечката криза и предизвикување тотален хаос кај граѓаните, наместо вистинска и јасна слика за случувањата во државата.

„Улогата којашто му е дадена во моментот на Иванов од ДПМНЕ е токму тоа да служи како маша којашто ќе го разгорува огнот со цел да се добие што е можно похаотична ситуација во која граѓаните ќе бидат дезинформирани и дефокусирани. Резултатот е закрвување меѓу граѓаните и внесување сомнеж дека станува збор за уривање на државата, наместо уривање на актуелната власт“, вели таа.

Како што нагласи и Муслиу, Иванов во вчерашниот говор немал конкретни аргументи за причината поради која ги повлекол аболициите.

„Се спомнуваа надворешни и внатрешни непријатели, но освен двајцата претседатели на ДУИ и СДСМ други конкретни личности или институции не спомна. Така што, мислам дека беше прилично неодговорен говор кој секако не одеше во правец на тоа што го декларираше од стартот на говорот дека тој е за смирување на ситуацијата и надминување на кризата“, вели тој.