СЈО ги прими одлуките за поништување на аболициите

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска соопшти дека ги примило одлуките за поништување на одлуките за помилување, донесени од страна на претседателот на државата и дека по нив се постапува.

СЈО посочува дека во делот на одлуките кои се однесуваат на постапки кои се наоѓаат пред судовите, од нивна страна до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог да се укине Решението на Основниот суд Скопје 1 Скопје и да продолжи кривичната постапка по предметот „Пуч.“

„По однос на истражните и предистражните постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство, Ве известуваме дека истите продолжуваат, при што, зависно од фазата во која се наоѓа конкретниот кривичен предмет, ќе бидат преземени соодветни истражни и други дејствија спрема сите лица за кои постои основано сомнение или основи на сомнение за сторено кривично дело“, се наведува во соопштението.

Во врска со предметот „Титаник“, се посочува дека истражната постапка продолжува против сите осомничени лица.

Во врска „Тортура“ поднесени се предлози за определување мерка за претпазливост против шест лица поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ од чл. 142 ст 1 вв чл. 22 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението.

Во врска со предметот „Тврдина“ стои дека е поднесен предлог за определување мерка притвор против едно лице како и предлог за определување на мерки за претпазливост против четири лица, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело од чл. 353 и 361 од Кривичниот законик.

Во врска со предметот „Транспортер“ донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело од чл. 353 ст 5 вв ст. 1, а вв. ст. 22 и 45 од Кривичниот законик, а поднесен е и предлог за определување на мерка притвор против истото лице.

„По однос на привремените мерки за обезбедување на имотноправно барање, Ве известуваме дека до Основен суд Скопје 1 Скопје е поднесен предлог кој беше вратен на доуредување, но ниту од Државното правобранителство ниту од Министерството за образование и наука се уште не се доставени предлози за остварување на имотно правно барање иако тоа од наша страна беше побарано“, се наведува во соопштението.

Во врска со „ТНТ“ донесена е наредба за спроведување истражна постапка против три лица поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела од чл. 353 од Кривичниот законик, а поднесени се и предлози за определување мерка за претпазливост против истите.

„Во делот на видовите мерки кои се предложени од страна на ова Јавно обвинителство, до Основниот суд Скопје се поднесени соодветни предлози за определување на мерки, кои за секој конкретен случај се различни.“

Во поглед на прашањата за листата на експерти кои се ангажирани во ова Јавно обвинителство, како што беше истакнато на прес конференцијата одржана на 03.06.2016 година, листата на експерти и останатите податоци во врска со нив, ќе биде објавена во вториот шестмесечен извештај за работата на ова Јавно обвинителство“, се наведува во соопштението на СЈО.