Судските службеници бараат право на надоместоци

Административците сакаат и тие да имаат право на надоместоци како и судиите, не бараат веднаш пари, туку кога ќе има тогаш. Се жалат и на игнорантскиот однос на Министерството за правда, кое не е заинтересирано за штрајкот.

Веќе трет ден, рамноправност со судиите во делот на исплатата на надоместоци на плата, бараат претставниците на судската администрација. Протестите и револтот ќе продолжи се додека не ги слушнат надлежните, односно се додека Министерството за правда не донесе измени на Законот за судска служба на два члена во кој ќе бидат содржани истите права како кај судиите во поглед на надоместоците.

„Ние сакаме измена на Законот бидејќи судиите тоа право го имаат. Ние бараме да го имаме тоа право во закон, а кога ќе има средства тогаш. Значи ние не бараме веднаш пари, туку право на нив. Тие два члена ќе ни ги гарантираат тие надоместоци. Кога ќе биде тоа вградено во закон,ако не се исплаќа, ние ќе можеме судски да си го оствариме тоа право“, вели претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Штрајк на судската администрација

Сепак од Синдикатот велат дека се задоволни од вчерашната средба со Судскиот совет, на која, како што пренесуваат, успеале да ги смират страстите кај вработените, по дописот од претседателот на Советот до претседателите на основните судови во кој се бараат списоци со имињата на вработените кои штрајкуваат со цел да им се одземе 40 отсто од нивната плата. Она од што се изненадени, според Грујовски е игнорантскиот однос на Министерството за правда.

„Упорно при очи се прават слепи и при уши глуви. Невозможно е другата страна за време на штрајк да се однесува толку незаинтересирано. Имам впечаток дека за нив е сеедно колку ќе се штрајкува и кои штети ќе ги претрпи државата. Во надеж дека ќе се најде решение успеавме да ги контролираме работите. Меѓутоа вака ако продолжи, не можам да дадам во овој момент оценка што и како ќе се случува понатаму“, изјави Грујовски.

Тој предупредува дека не е исклучен и штрајк со глад од понеделник, иако искрено посакува тоа да не се случи. Постојат и други барања кои ќе бидат презентирани дури откако ќе се оствари главното барање за покачувањето на платите велат од Синдикатот и порачуваат дека се подготвени да ги издржат сите притисоци и обиди за политизација на протестот, бидејќи, како што истакнуваат, ја имаат поддршката од јавноста.

„Мислам дека некој од власта му дава поинакви конотации на штрајкот и сигурно дека сакаат политички да влијаат. Има во синдикалните организации на некој начин проблеми и веројатно ќе ги имаме во иднина доколку штрајкот продолжи“, изјави Грујовски.