САД - Ризик од терористички напади во Европа

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

САД предупредуваат на терористички напади во Европа

Стејт департментот ги предупреди американските државјани на опасност од терористички напади во Европа во текот на летото. Соединетите Држави редовно издаваат краткорочни предупредувања за своите државјани, но ова е прво предупредување за патување во цела Европа во последните дваесет години.

Портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби изјави дека претходното предупредување било издадено на 22 март по нападите во Брисел и истекува во текот на овој месец.

Во тогашните терористички напади во зградата на аеродромот и во една метро станица во Брсиел загинаа 32 лица. Одговорноста за нападите ја презедоа милитантите на таканаречената Исламска држава.

Образложувајќи зошто Стејт департментот реши да издаде уште едно превентивно предупредување, портпаролот Кирби рече:

„Очигледно до ова ќе дојдеше во секој случај, но ние ја искористивме можноста, со оглед дека почнува летото, да ја истакнеме нашата загриженост за потенцијалниот ризик од терористички напади во Европа, особено кога знаете дека имате Тур де Франс, Европско првенство во фудбал, а секако и Светскиот ден на младите во јули“, рече тој.

Ова предупредување е издадено како и секогаш, врз основа на собрани информации и она што го знаеме дека продолжува да биде интерес на терористичките групи, односно да спроведат напади врз западни цели, и врз американците, особено во Европа.

Џон Кирби, портпарол на Стејт департментот

Стејт департментот издава рутински предупредувања за одделни земји, а понекогаш и за цели континети или за целиот свет, дури и кога не постојат информации за специфична закана и за одредени цели.

Тоа го потврди и портпаролот Кирби кој изјави дека Стејт департментот немал информации кои би довеле до состојба на готовност за Европа, но ја повтори препораката до Американците да бидат внимателни.

„Ова предупредување е издадено како и секогаш, врз основа на собрани информации и она што го знаеме дека продолжува да биде интерес на терористичките групи, односно да спроведат напади врз западни цели и врз Американците, особено во Европа“, изјави Кирби, додавајќи:

„Ние, секако, не ги обесхрабруваме да патуваат во Европа или на други туристички места, па дури и на овие настани, но ние сакаме да се осигураме дека тие ќе останат буднии свесни за таквата можност“, рече тој.

Вашингтон посебно изразува загриженост во врска со Европското првенство во фудбал што од 10 јуни до 10 јули ќе се одржи во Франција.

Домаќините очекуваат дека за тоа време Франција да ја посетат над еден милион туристи. Фудбалското првенство ќе го обезбедуваат над 90 илјади полицајци и припадници на приватни фирми.

Стејт департментот во предупредувањето прецизира дека Франција ја продолжи вонредната состојба во земјата воведена по нападите во Париз на 13 ноември кога беа убиени 130 луѓе.

Исто така се наведува дека Светскиот ден на младите, настан организиран од Католичката црква се очекува да привлече 2,5 милиони посетители во полскиот град Краков, меѓу 26 и 31 јули.