Иванов на лидерски состанок на „Брдо Бриони процесот“

Забрзана интеграција на целиот регион во ЕУ и НАТО е главна цел на состанокот на лидерите на „Брдо Бриони процесот“, кој денеска се одржува во Сараево, а на кој учествува и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Европските и евроатланските интеграции да се третираат како суштинско, а не како техничко прашање, се очекува да биде еден од заклучоците на денешниот самит на лидери. Од Сараево претседателите од регионот, јави известувачот на МИА, ќе порачаат дека билатералните разлики не смеат да бидат пречка и блокада на евроинтеграциите и дека неопходно е помирување и враќање на севкупната доверба меѓу државите, со цел непречена и засилена регионална соработка.

Македонскиот претседател, како што јавува агенцијата, ќе ја реафирмира потребата од максимално посветување и свртување на државите кон регионот и максимална соработка, особено во сферите на безбедноста и инфраструктурата. Имено, потребно е балканските земји да ги следат успешните модели на регионална соработка во Европа, како што се Вишеградската група, нордискиот и балтичкиот регион.

Идната година, домаќин на состанокот на „Брдо Бриони процесот“ ќе биде токму Република Македонија и претседателот Иванов.

На состанокот, на кој специјален гостин е претседателот на Италијанската Република Серџо Матарела, ќе учествуваат и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, Младен Иваниќ и Драган Човиќ, претседателите на Хрватска Колинда Грабар- Китаровиќ, на Словенија Борут Пахор, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Србија Томислав Николиќ, на Албанија Бујар Нишании и на Косово Хашим Тачи.