Иванов ја повлече аболицијата за 22 политичари

Претседателот Ѓорѓе Иванов ја повлече аболицијата за 22 политичари додека за останатите аболицирани остави простор самите да поднесат барање до него дека сакаат да биде повлечена аболицијата. Тој во денешното обраќање до јавноста истакна дека оваа одлука ја донесол поради безбедносни причини.

„Бев обвинуван дека сум сакал да ги заштитам политичарите, дека сум креирал селективна правда. Најсовесно изјавувам дека не сум имал таква намера“ изјави Иванов.

Пред повеќе од еден месец Иванов донесе одлука за аболиција на 56 политичари и функционери од власта и дел од опозицијата кои беа инволвирани во аферата прислушување и за кои се водеше постапка во Специјалното јавно обвинителство. По неговата одлука започнаа серија на протести на таканаречената Шарена Револуција. Демонстрантите бараа повлекување на одлуката за аболиција и оставка на претседателот. И меѓународната заедница во неколку наврати порача дека повлекувањето на аболицијата е императив и дека за една земја кандидат за членство во ЕУ е недозволиво да остави простор за селективна правда и неказнивост.