Шарената револуција против државниот арач

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Демонстрантите поставија „споменик“ на поранешниот премиер, а потоа го обоија. Претходно ја обоија и зградата на Пазарната инспекција. Денеска во фокусот беше, како што велат, арачот што го зема државата. Тие протестираат веќе еден месец.

Демонстрантите кои протестираат против политиките на власта денеска поставија нов споменик, овојпат на поранешниот премиер и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во близина на неговиот дом во скопската населба Црниче. „Споменикот“, односно испечатената голема фотографија, потоа ја обоија со најразлични бои изразувајќи го револтот против начинот на неговото владеење со земјата.

Пред да стигнат до зградата на поранешниот премиер демонстрантите запалија пиротехнички факели со што небото се обои во розова боја, а извикуваа и пароли против Груевски.

Дел од демонстрантите им се обратија на граѓаните, а во позадина се пуштаа извадоци од таканаречените „бомби“ на опозицијата.

И покрај повремениот дожд на улиците излегоа повеќе илјади граѓани. Денеска тие протестираа против, како што велат, арачот што го зема државата, против високите казни, даноци, што е еден до начините за заплашување на народот. Па токму затоа Шарената револуција овојпат ја обои зградата на Државниот пазарен инспекторат во центарот на градот. Демонстрантите гаѓаа со балони болни со боја, а прскаа и со големи пиштоли на вода наполнети со боја. Велат дека протестираат против грабежот извршуван од страна на богатите врз сиромашните, против извршителското самоволие, против авторитарното и корумпирано владеење. Но протестираат и за Македонија во која сите ќе можат чесно да работат, да заработуваат и да имаат достоинствен живот.

Денеска се одбележа еден месец откако демонстрантите излегоа на улица по одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов да аболицира политичари кои се осомничени меѓудругото за корупција, криминал, изборни измами.

Граѓаните и денеска во 18 часот првин се собраа пред зградата на Специјалното јавно обвинителство за да изразат поддршка на оваа институција. А оттаму масата народ на чие чело стоеше голем транспарент со пораката „ не ви се плашиме“, се упати низ улиците на Скопје.