Орав: Одлуката на Иванов за аболиција го поткопува владеењето на правото

Архивска фотографија.

Функционален правен систем е од фундаментално значење за која било држава што сака да има долготрајна демократија, просперитет и мир. Ова е важно да се истакне особено во пресрет на последните случувања во земјава, изјави денеска евроамбасадорот Аиво Орав на отворањето на твиниг проектот „Зајакнување на владеењето на правото“, финанисран од ЕУ.

„Проширувањето на ЕУ го става владеењето на правото и правниот систем во срцето на целиот процес. Одлуката на претседателот Иванов за аболиција на сите лица што можеби извршиле криминали сериозно го поткопува владеењето на правото и создава опасна атмосфера на неказнивост. Забележително е дека сите политички партии ја одбија оваа одлука, но што е следно. Јас искрено се надевам дека партиските лидери ќе ја исполнат нивната целосна јавна и политичка одговорност и конечно ќе започнат со решавање на се кризата која се продлабочува, така што законодавците и експертите ќе може да се вратат на работа и да се вратат на важниот процес на реформи“, рече Аиво Орав.

Тоа, според него, може да успее само ако нормалниот политички процес и владеењето на правото бидат целосно вратени, доколку политичарите престанат да ја трошат својата енергија во континуирани политички борби и неказнивост, кои не се ниту потврдени од судот.

Тој истакна дека е значајно Специјалното јавно обвинителство и судовите да продолжат со својата работа, за како што наведе, правдата и владеењето на правото да надвладеат.