Над 500 илјади нерегистрирани бегалци во Германија

Околу половина милион бегалци кои што влегле во Германија во последниве 18 месеци не се регистрирани во федералните или локалните институции, се вели во извештајот на Федералната криминалистичка полиција (БКА) кој што го пренесуваат германските медиуми. Според анализите, лицата коишто не се регистрирани или работат на црниот пазар на работна сила или се инволвирани во криминалното подземје, бидејќи без соодветна регистрација тие немаат средства за преживување. Оваа бројка е причината за состанокот што треба да се одржи утре во кабинетот на канцеларката Меркел на кој БКА ќе презентира извештај со наслов „Преглед на состојбата“.

„Многу мигранти не сакаат да се регистрираат поради страв дека можат да бидат вратени назад“, вели претставник на германската полиција за весникот „Билд“.

На состанокот во кабинетот на Меркел треба да се разговара и за криминалот направен од имигрантите. Според извештајот најголем број од кривичните дела се сторени од бегалци од Балканот. Бегалците од Сирија, Ирак и Авганистан едвај се споменуваат во криминалната статистика што ја водат германските власти. Според цитираниот извештај новогодишните настани во кои сексуално биле нападнати стотици жени биле предизвикани од луѓе од Северна Африка но инцидентите не се организиран криминал туку се предизвикани од алкохол и „културни разлики“.