Ивановска со слики како мали нежни разговори

„Ти и јас“ е насловена изложбата на Мила Ивановска што од 31 март до 7 април се одржува во „Концепт 37“ во Скопје. На оваа своја втора самостојна постановска уметницата ќе изложи 10 слики во акрилик на платно за кои самата знае да каже дека „излобилуваат со бои и дека се живи и зборуваат за еден друг, одамна заборавен свет“, неколку мозаици и две инсталации.

Ти и јас“ е приказна за сите Вас, или пак Нас, кои ја љубиме уметноста!Ова ќе го запише Мила Ивановска, или ако милувате „Мила Ив МиЗа“, во поканата за својата втора самостојна изложба што од 31 март се одржува во скопската арт кафетерија „Концепт 37“. Уметницата посочува дека пред ликовната публика, пријателите, добрите луѓе и вљубениците во уметноста се појавува со 10 слики, акрилик на платно настанати во последниве три-четири години, неколку мозаици и две просторни инсталации.

Таа појаснува дека сликарството е одраз на нејзиниот живот, форма на размислување, и пред сè најприроден начин на изразување на нејзините доживувања, желби, стравови, чувства. Дека ја љуби бојата оти таа може да ја растажи или, пак, расположи. Да го разбуди или пак оттргне нејзиното внимание од реалниот свет и да ја однесе некаде далеку, далеку во детството, каде што е сè е беспрекорно чисто, јасно и возможно.

„Инспирацијата за оваа изложба ја добив во Словенија каде што работев како волонтер со деца со посебни потреби. Таму од мене излезе најубавата и најдлабоката емоција која што ја изразувам преку бојата. Во моите слики, не само во овие туку и во оние кои датираат од средношколските денови кога учев во Уметничко училишта, можете да видите дека го користам колоритот како единствено средство да се изразам себе си. Тој е многу јак, треперлив...боите се доста живи и разиграни. Луѓето кои што ме познаваат добро знаат дека последниве три-четири години други бои во мене играат, меѓутоа она што излага кога ќе го земам платното и ставам четки е нешто сосема друго. Прво ставам, ставам темни бои, наеднаш ги баталувам и на виделина излегува светлоста. На тој начин всушност јас го изразувам најдлабокото од себе – таа позитивна енергија што ни ја дарува животот“, вели Ивановска.

Појаснувајќи го насловот на постановката уметницата знае да каже дека „Ти и јас ... и калинка“ била првата скица која што настанала и од која што тргнала целата ликовна приказна која финиширала во последниве неколку месеци – практично од ноември минатата година. Дека со него се врзани и неколку клучни настани од нејзиниот интимен живот, смртта на родителите – Милан и Загорка, љубовта и врската со Бојан, кратката разделба и обновувањето на заедничкиот живот...и така со ред. Од таму, нималку не чуди кога таа ќе напише дека „овие слики се мали нежни разговори кои го создаваат ехото на емоциите“. Слики кои зборуваат со Вас, дела кои ви оставаат простор да ги гледате, слушате...

„Секоја слика си е приказна сама за себе. Во делата има дрва, куќи, птици, вљубени двојки...Се појавува и понекое, би го нарекло скалило на животот. Тие се живи и зборуваат за еден друг, одамна заборавен свет. Мирен и безгрижен. Полн со зеленило, љубов и хармонија. Конечно гледачите, посетителите на изложбата треба да ги видат и да ги протолкуваат сами за себе. Некои ќе ги видат на еден, други на друг начин.“

На изложбата уметницата ќе понуди и неколку мозаици. За мозаикот таа знае да каже дека е дел од неа, дека извира од нејзиниот карактер. Притоа нагласува дека Газанфер Бајрам ги учел дека 70 отсто кај мозаикот е подготовка, а преостанатите 30 – работа на имагинација...што нејзе и одговара на темпераментот и и отвора широки можности за изразување. Дополнува дека за тоа се потребни простор и време, но дека таа наоѓа и место, начин...Дека има и трпение и дисциплина да се справи со оваа техника.

„За мене мозаикот е како животот. Една голема сложувалка која што сами ја градиме. Во еден момент ќе ја дигнеме високо, во друг таа едноставно може да се сруши...Сè зависи од нашата упорност. Токму затоа и го сакам мозаикот. Ја сакам таа техника, таа насока. Во мозаикот го пронајдов мојот карактер – темпераментна, енергична, смирена... “

Ивановска има изградено неколку мозаици во родната Македонија и во Словенија, а од неодамна се подготвува со мозаик да го збогати влезот на ПОУ „Д-р Златан Сремац“ во скопската општина Кисела Вода.

„Деновиве правам скици како ќе изгледа мозаикот, избирам бои, собирам материјал...керамичките плочки ги кршам во различни форми во зависност од цртежот, сето тоа го селектирам во посебни кутии, боја по боја, го шмирглам ѕидот, и почнувам полека да ја правам сложувалката. На тој начин пробувам невидливотот да го направам видливо. Да и дадам реално форма на имагинацијата.“

Родена 1987 година во Скопје, Мила Ивановска најнапред го завршила Средното училиште за применета уметност „Лазар Личеновски“, а потем дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на сликарство со конзервација и реставрација.

Првата самостојна изложба ја одржала во МКЦ во Скопје во 2011 година, а учесник е и на бројни групни постаноновки и ликовни колонии во земјава и во странство.

Освен со сликарство и мозаици, активно се занимава и со конзервација, вајарство и графика. Во сферата на нејзиниот интерес се и применетите уметности, а честопати одржува и работилници со децата со посебни потреби.