Иванов – Дел од терористите ја користеле балканската рута

Претседателот Ѓорге Иванов ја посети Агенцијата за разузнавање

Очигледно ќе излезе дека дел од овие кои беа вклучени во нападите во Брисел, како и тие претходно во Париз, ја користеле и балканската мигрантска рута, рече денеска претседателот Ѓорге Иванов, кој беше во редовна годишна посета на Агенцијата за разузнавање. Одговарајќи на новинарско прашање дали е подобрена размената на информации со разузнавачките служби од други земји, во контекст на мигрантската криза, Иванов рече декапо неговата изјава има раздвиженост меѓу партнерските служби, иако претходно немале разбирање, затоа што регулативата е таква, трети земји да немаат пристап до европските бази на податоци.

„Да не бидеме наивни. Само во Македонија имаме 72 повратници, од лица кои учествувале на боиштата, отишле како екстремисти, се вратиле како терористи. Шеесет отсто, односно преку 1000 лица од Балканот учествувале во Сирија и се вратени, а илјадници, односно до три илјади, има повратници на територија на ЕУ. Тие ги користеле овие рути на бегалците, меѓу нив се вратиле и еве сега што се случува“, изјави Иванов.

По денешниот терористички напади во Брисел, претседателот рече дека службите мора да соработуваат и на безбедносен план и да разменуваат информации.

„Да не робуваме на бирократски процедури, не сме биле во ЕУ, не сме имале право на пристап до базите. Ние тоа го нудиме за безбедноста на континентот и на другите земји во ЕУ, кои и во иднина ќе се соочуваат со терористички напади и закани. Но, не само во Европа, ова е планетарен феномен“, порача македонскиот претседател Иванов.

Тој рече дека граѓаните на Македонија треба да бидат спокојни, затоа што нашите институции, во соработка со нивните партнерски служби, ги спречуваа сите ризици што постоеја досега.