Бројчаникот за задолженоста не изразува официјални ставови на МАНУ

Бројчаникот кој го мери јавниот долг на Република Македонија изразен во апсолутни броеви, но и релативно во однос на бруто-домашниот производ на земјата, е изготвен во рамките на Центарот за компјутерски науки и информатички технологии при МАНУ, за потребите на нивните истражувања и е објавен од страна на соработник на Центарот, без претходно да биде информирано раководството на МАНУ и раководителот на Центарот. Бројчаникот, според тоа, не изразува официјални ставови на МАНУ, реагира денеска академијата, која како што посочува, не се осврнува „на неоснованите дисквалификации на претседателот на МАНУ и на самата институција“.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, претходно го оцени како партиски и политички, а не како научен чин, објавувањето на „бројчаникот“ за задолженоста. Партијата напоменува дека сè додека МАНУ не се огради од ваквите настапи, ќе ја третираат оваа институција како клон на СДСМ и Сорос.