Продолжено замрзнувањето на имот на Јанукович во ЕУ

Поранешниот украински претседател Виктор Јанукович

Амбасадорите на ЕУ денеска одлучија да го продолжат замрзнувањето на имотот на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович и 15 негови блиски соработници за уште најмалку една година. Ваквите мерки беа воведени во март 2014 година, откако Јанукович избега од Украина за време на протестите против неговата влада. Меѓу неговите соработници на кои им е замрзнат имотот во ЕУ поради наводи за проневера за државни пари, се и двајца поранешни премиери – Микола Азаров и Сергиј Арбузов, како и поранешниот шеф на кабинетот на претседателот Андриј Клиујев. Поранешната министерка за здравство Раиса Бохатириова е тргната од црната листа зашто им ги вратила украдените средства на украинските власти.

На состанокот на министрите од ЕУ задутре во Брисел се очекува да биде одобрено продолжувањето на санкциите.