По тензиите, мирно на македонско - грчката граница

Во моментов ситуацијата на македонско - грчката граница е мирна по тензиите кои настанаа откако македонската полиција фрли солзавец накај мигрантите кои се обидоа да ја урнат оградата за да влезат на територијата на Македонија. Стела Нану од УНХЦР Грција во изјава за Радио Слободна Европа вели дека во моментов на Идомени се наоѓаат околу осум илјади мигранти.

„Имаше тензии ова утро, бидејќи луѓето се се повеќе фрустрирани. Тензиите растат и имаше и протести кои доведоа до хаотична ситуација која лесно може да излезе од контрола. Луѓето се таму со денови. Тие се многу уморни и меѓу нив има и семејства со мали деца кои живеат под многу тешки услови. Некои од луѓето за време на вечерта спиеја на отворено или во шатори. Но, ситуацијата е многу тешка и предизвикувачка за бегалците, но и за хуманитарните работници“, вели таа.

Мигрантите претходно кон македонската полиција фрлаа камења и ја блокираа пругата со цел да им се дозволи влез во Македонија.