Протест за обединување на Романија со Молдавија

Архивска фотографија

Приврзаниците на обединувањето на Романија со Молдавија организираа мирни протести во Букурешт пред резиденцијата на претседателот Клаус Јоханис, пренесува БТА. Демонстрантите побараа средба со романскиот претседател, со цел да изразат несогласување со неговиот предлог да се одложи обединувањето на двете земји до „посоодветно време“.

Синоќа околу 100 „унионисти“, како што ги нарекуваат во Романија приврзаниците на обединувањето, донеле пред резиденцијата пластични столици и започнале со седечките протести.

„Унионистите“ си заминале дури откако советниците на претседателот ги примиле лидерите на движењето кое бара обединување.

Идејата за обединувањето има повеќе приврзаници во Романија (близу 68 проценти), отколку во Молдавија (21 процент).

Молдавската опозиција ја критикува идејата, а партијата на Социјалистите на Република Молдавија дури предложи да се поднесе амандман во Законот, кој ја исклучува можноста за обединување со Романија и уништување на молдавската држава.