Бејли: Изборите на 5 јуни можат да бидат кредибилни

„Ако секој работи напорно и игра според правилата, веруваме дека изборите на 5 јуни може да бидат кредибилни и да ја придвижат Македонија напред во надминување на политичката криза“, изјави американскиот амбасадорот Џес Бејли откако политичките партии договорија пролонгирање на изборите од 24 април на 5 јуни. Одговарајќи на новинарско прашање, што ако некоја од политичките партии ги бојкотира изборите, Бејли рече дека сите партии треба да партиципираат во процесот. Во врска со реформите во медиумите, американскиот амбасадор забележа дека тие не се клучни само за изборите, туку мора да се спроведат во интерес на целото општество. „Реформите во медиумите остануваат многу важен дел не само од изборниот процес, туку се и една од приоритетните реформи што треба да се спроведат. Како медиумите и медиумската сфера ќе бидат оценети зависи од тоа како ќе ја извршат својата задача, како ќе ги покријат овие многу битни избори. Сите вие потпишавте Етички кодекс и затоа најважно ќе биде како ќе ја завршите вашата работа и да им помогнете на македонските граѓани да бидат информирани“, изјави Бејли.