Јанакиески и Јанкулоска осомничени за изборни измами

Прес конференција на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во Скопје

Првиот случај за кој Специјалното јавно обвинителството отвори истражна постапка е „Титаник“, а се однесува на дела поврзани со изборите, соопшти денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференцијата во СЈО наведе дека поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски и секретарот на тогашната влада, како и други лица, го искористиле влијанието и на локално и државно ниво создале група за вршење кривични дела, за да овозможат победа на одредена политичка партија на изборите. Таа посочи дека е отворена истражна постапка за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, поткуп при избори, уништување на изборни материјали и злоупотреба на средства за изборна кампања во 2012 година. Во Специјалното обвинителство утврдиле дека од МВР за таа намена биле издадени 15 илјади нови матични броеви, 35 илјади лични карти кои не се подигнати од барателите и прифатени се повеќе од 60 илјади нови државјани.

Во тоа време министри за транспорт и врски и за внатрешни работи беа Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, а секретар на владата беше Кирил Божиновски. Осомничени се и петмина судии од Управниот суд Скопје и четворица тогашни членови на ДИК.

Специјалното обвинителство денеска доставило барања за притвор за осум лица, но не прецизира за кои. Едно лице е веќе приведено и изведено пред суд.