Македонија не е имуна на тероризам

Џихадисти од Балканот.

Безбедносни закани однадвор, политичка криза внатре, ако на тоа се додаде и бегалската криза, земјава е пред сериозни предизвици да ја одржа безбедноста и стабилноста.

Терористичките закани станаа реалност, а напади се случуваат и во наша близина. Од Министерството за внатрешни работи велат дека ако се земе предвид глобалниот растечки тренд на меѓународниот тероризам поттикнат од случувањата на Блискиот Исток, оценка е дека и нашата држава не е имуна на овој безбедносен предизвик, но дека во моментов земјава не е приоритетен интерес на меѓународните терористички организации.

Имајќи ги предвид глобалните димензии на овој безбедносен феномен искуството од досега извршените акти на насилство со елементи на тероризам, како и повиците за формирање на тн Балкански калифат во целост не може да се исклучи можноста од изложеност на државата на тероризам.
Наталија Спирова Кордиќ, началник на сектор за односи со јавност и протокол од МВР.

„Но имајќи ги предвид глобалните димензии на овој безбедносен феномен искуството од досега извршените акти на насилство со елементи на тероризам, како и повиците за формирање на тн Балкански калифат во целост не може да се исклучи можноста од изложеност на државата на тероризам. По терористичките напади на територијата на Европа заради навремено превенирање, попречување и рано предупредување за можни терористички напади, органите на Министерството за внатрешни работи го зголемија нивото на безбедност и преземаат координирани мерки и активности за превенирање, попречување и елиминирање на евентуални закани и можно изведување на терористички акти“, вели Наталија Спирова Кордиќ, началник на сектор за односи со јавност и протокол од МВР .

Од МВР велат дека во континуитет ја интензивира соработката со сродни институции и органи на национални и меѓународно ниво, пред сè на планот на брза и редовна размена на информации и преземање заеднички акции со акцент на изнаоѓање механизми за навремена идентификација на странските борци и спречување на извршување на терористички акти.

Состојбата дополнително се комплицира со политичката криза од земјата. Политичката нестабилност ги прави институции ранливи и се поставува прашањето дали тие можат да излезат на крај со предизвиците. Професор Мерсел Биљали вели дека владејачката структура не може да се справи ниту со внатрешните, ниту со надворешните предизвици, па оттука предлага првин да се расчистат домашните проблеми, а потоа да се одговори и на надворешните закани.

„Ние немаме капацитет да ја извлечеме државата од криза, односно оваа структура нема таков капацитет и оттука се поаѓа дека е потреба преодна влада, концентрациона влада.“

Еврокомесарот Јоханес Хан при последната посета на Скопје рече дека земјата е во многу тешка состојба и дека Владата, политичките елити и Парламентот треба да обрнат внимание на оваа ситуација од која се засегнати и економијата и евроатланската перспектива на земјата. По најавите дека некои земји во Европа ќе воведат поголеми контроли или дека ќе ги завторат границите поради големиот бегалски бран , упатенитеочекуваат зголемување на криминалот и безбедносните ризици.