Хан - Целосно исполнување на „Пржино“ за навремени избори

Еврокомесарот Јоханес Хан очекува сите елементи од Договорот од Пржино да бидат решени пред или за време на неговата утрешна посета на Скопје, со што ќе се овозможат кредибилни избори во предвидениот рок.

Во денешното соопштение од кабинетот на Хан се наведува дека утре во Скопје тој ќе се сретне со претставниците на четирите политички партии и ќе ги потсети на нивната одговорност за спроведувањето на Договорот, вклучувајќи ја и потребата да се обезбедат услови за кредибилни избори во согласност со договорените рокови.

Еврокомесарот Хан исто така ќе потсети на важноста од спроведувањето на итните реформски приоритети на кои лидерите се обврзаа.

„15 јануари е клучен краен рок за политичкиот договор, чие спроведување е важно и за владата и за граѓаните на земјата. Очекувам останатите елементи од политичкиот договор да бидат решени пред или за време на мојата посета, овозможувајќи им на изборните власти да организираат кредибилни избори според договорената временска рамка“, вели Хан.