Нема телевизор, слепа на едно око, а плаќа радиодифузна такса

Поради неплатен долг за радиодифузна такса УЈП и ја блокирала сметката на старицата Размена Конеска од Кривогаштани, која живее во трошна куќа, без телевизор и радио. Дополнително Конеска не гледа со едното око.

Размена Конеска има 86 години, видот на едното око и е изгубен, во домот нема ниту телевизор, ниту радио. Живее во селото Подвис, во општина Кривогаштани, во мало куќарче градено од плитари со две соби, со раскупани ѕидови, на земјен под со минимална пензија од 5.400 денари, наследена од својот покоен сопруг.

Немам телевизор. Кога ме блокираа јас си исплатив, отидов таму и платив. Мене ми зедоа 4.000 ден, плус одење до Прилеп, во УЈП по тие скалите ќе паднев, ќе се запустев, не можам ни да одам, ни ништо, ниту пак гледам со едното око.
Размена Конеска од село Подвис, општина Кривогаштани.

Но, иако таа не гледа телевизија, ниту слуша радио, УЈП и ја блокирала сметката за неплатен долг за радиодифузна такса.

„Немам телевизор. Кога ме блокираа јас си исплатив, отидов таму и платив. Мене ми зедоа 4.000 ден, плус одење до Прилеп, во УЈП по тие скалите ќе паднев, ќе се запустев, не можам ни да одам, ни ништо, ниту пак гледам со едното око“, се жали Размена Конеска.

Извршно решение добила и за струја, а вели плаќа редовно и за улично осветлување, иако според адресата на која ја добива поштата, оваа жена живее во населба без улично осветлување, како жител на соседното село Локвени.

„Се си плаќам, се што ќе земам струја си плаќам. Ми ја блокираа сметката тогаш, ми ги зедоа парите, за струја сум немала платено, а јас белешкиве што ќе ми стигнат си ги земам и ги плаќам“,вели Размена Конеска.

Но, без оглед дали ова куќарче крај руинираниот пат се води во селото Подвис или Локвени, во домот на оваа жена нема квалитетно напојување. Куќата се распаѓа, по поплавите што ја зафатија општината, ѕидот е распукан и животот и е во постојан ризик. Уште ги чека парите за отштетата од поплавите.

„Се плашам кај да одам, ова ќе падне, ќе не потисни, овде пукнато е, кој ќе ми помогне“, зборува низ солзи оваа стара жена.

Во случајот на Размена Конеска сугерираат од Регионалната дирекција на УЈП до Битола, таа треба до МРТ да поднесе барање за ослободување од такса, а Македонската Радио Телевизија ќе утврди дали ги исполнува условите.

За неплатен долг пак, по основ на радиодифузна такса овој месец, соопштуваат од регионалната дирекција на УЈП во Битола изготвени се околу 3.447 решенија за присилна наплата од сметка за обврзниците од Прилеп, 688 решенија за Долнени и 341 решенија за граѓани од Кривогаштани.