Функционери неовластено користеле возила и заштита од МВР

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска информираше дека на десетина владини и партиски функционери неовластено и со усна наредба им биле доделени службени возила и обезбеднување од МВР. Според него, се работи за генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, пратеникот и генерален секретар на ВМРО- ДПМНЕ, Емил Димитриев, поранешниот министер за правда Михајло Маневски, како и Мартин Протуѓер, советник на премиерот, Гоце Ѓуклески од Националниот координативен центар, Јохан Тарчуловски и пратеникот Амди Бајрам.

Спасовски посочи дека е отворена интерна истрага во МВР за да се утврди материјалната штета. Според него, станува збор за сериозни процедурални недостатоци кои укажуваат на фактот дека во Македонија партијата не е поделена од државата. За обезбедувањето што им е доделено на екс - министерката Гордана Јанкуловска и поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, тој нагласува дека по престанок на функцијата, тоа законски им следувало.