Париз нападнат – над 100 жртви во пукање и експлозии

Десетици убиени во напади во Париз

Франција прогласи вонредна состојба и ги затвори границите откако во неколку напади загинаа над 100 луѓе. Напади на ресторан, концерт, фудбалски натпревар.

Француската полиција соопшти дека има над 100 жртви во неколкуте терористички напади што се случија вечерва во Париз. Околу 100 лица се убиени во вооружениот напад во концертна сала, додека други се убиени во нападот на еден ресторан и во самоубиствен бомбашки напади во близина на најголемиот фудбалски стадион во земјата. Вооружените напаѓачи сè уште се во бегство во главниот град на Франција, а градските власти ги повикаа граѓаните да останат дома. Сите линии не париското метро се затворени.

Ние треба да покажеме сочувство и солидарност. Ние, исто така, мора да се обединиме и да останеме смирени. Пред лицето на тероризмот, Франција мора да биде силна.
Франсоа Оланд, претседател на Франција.

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека нападите се „без преседан“ и оти некои операции сè уште се во тек. Тој прогласи вонредна состојба и рече дека се затворени границите на државата.

„Во овие многу тешки моменти - јас размислувам за многуте жртви и нивните семејства, за оние кои се повредени . Ние треба да покажеме сочувство и солидарност. Ние, исто така, мора да се обединиме и да останеме смирени. Пред лицето на тероризмот, Франција мора да биде силна“, рече Оланд.

Според информациите од Франција, најмалку 11 луѓе се убиени кога повеќе вооружени лица отворија оган во ресторанот „Ле Карилон“ во центарот на Париз, а потоа избегале.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Над 100 загинати во синхронизирани терористички напади во Париз

Речиси истовремено, неколку други вооружени напаѓачи ја нападнале концертната сала Батаклан во која се одржувал концертот на американскиот рок бенд „Иглс оф дет метал“. Дел од напаѓачите пријавиле дека држат во заложништво десетици луѓе, но полицијата упаднала во салата. Очевидци велат дека двајца или тројца напаѓачи влегле во салата за време на концертот и почнале да пукаат во луѓето по случаен избор. Еден новинар кој присуствувал на концертот за Си-Ен-Ен изјави дека тие пукале неколку минути, а луѓето паѓале како покосени на подот, додека се обидувале да се заштитат. Тој рече дека има многу загинати и повредени.

Во меѓувреме, повеќе експлозии се слушнале северно од центарот на градот во близина на Стад де Франс, каде што Германија и Франција играа пријателски фудбалски натпревар. Експлозиите одекнале за време на првата половина од натпреварот. Францускиот претседател Франсоа Оланд и министерот за внатрешни работи, Бернар Казнев, кои го следеле натпреварот, беа евакуирани. Мечот беше прекинат, а гледачите се собрале на теренот, плашејќи се да го напуштат стадионот, но откако им било кажано дека е безбедно да си одат, почнале полека да го напуштаат стадионот. Постојат извештаи дека барем една експлозија била активирана од бомбаш-самоубиец.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Три експлозии се слушнаа на стадионот Стад д Франс во Париз

Американскиот претседател Барак Обама во Белата куќа изјави дека нападите во Париз се „срамен обид за тероризирање невини цивили“. Тој вели рече дека ситуацијата е трогателна и оти нападите во Париз се напад врз целото човештво. Обама изјави дека не сака да шпекулира за тоа кој стои зад нападите.

„Секогаш кога се случуваат вакви напади, ние секогаш сме можеле да сметаме дека францускиот народ ќе застане со нас. Тие се извонреден партнер во борбата против тероризмот. И ние имаме намера да бидеме со нив на ист начин“, рече Обама.

Тој на 14 ноември треба да патува за Турција на самитот на Г-20.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека е „длабоко потресена од веста и сликите кои доаѓаат од Париз“. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун ги осуди „одвратните терористички напади“ во Париз. Полицијата во Њујорк соопшти дека во градот е зголемена состојба на готовност за борба против тероризмот.