МВР досега расчисти само напади врз провладини новинари

МВР сè уште ги нема пронајдено напаѓачите врз сопствениците на порталите Мактел и Доказ, Саше Ивановски и Маријан Стаменковски, како и оние кои му го запалија џипот на новинарот Бранко Тричковски.

Во мај беше запален џипот на новинарот Бранко Тричковски, истиот месец физички беше нападнат сопственикот на порталот Мактел Саше Ивановски, а деновиве тоа му се случи и на сопственикот на порталот Доказ Маријан Стаменковски. Во меѓувреме, на физички или вербални напади врз нив се пожалија и водителот Јанко Илковски, новинарите Ивона Талевска, Антонио Димитриевски и неколкумина други.

Во изминатиот период имаше повеќе случаи во кои како оштетени се јавуваа новинари. Дел од случаите се расчистени, а на дел од нив сè уште се работи, односно полицијата постапува по наредбите на јавниот обвинител, којшто во одредени случаи веднаш беше информиран и даде насоки за натамошно постапување.
Иво Котевски, портпарол на МВР.

„Во изминатиот период имаше повеќе случаи во кои како оштетени се јавуваа новинари. Дел од случаите се расчистени, а на дел од нив сè уште се работи, односно полицијата постапува по наредбите на јавниот обвинител, којшто во одредени случаи веднаш беше информиран и даде насоки за натамошно постапување“, вели портпаролот на МВР Иво Котевски, кој прецизира дека досега ги расчистиле случаите со двата напади кој ги пријавил Илковски со предупредување и инцидентот меѓу Димитриевски и граѓанскиот активист Никола Наумоски.

Имено првиот инцидент поврзан со водителот на емисијата Јади Бурек бил пред неговиот дом, а вториот кој Котевски вели дека е расчистен беше пред телевизијата Сител, кога Ивановски го прашуваше Илковски, а снимката беше емитувана на порталите. И со случајот на Димитриевски, снимката во која тој се конфронтира со Наумоски беше јавно достапна.

Доколку се воочи таков вид на дискриминација, тогаш зборуваме за институционална дискриминација, па дури и структурна дискриминација и тоа бара многу посериозна, подлабока реакција во МВР.
Мирјана Најчевска, универзитетски професор.

За нападите врз Ивановски и последниот врз Стаменковски, МВР сè уште ги нема пронајдено сторителите, исто како и за џипот на Тричковски и нападот врз Талевска.

Според професор Мирјана Најчевска, треба да се утврди дали полицијата постапува еднакво за нападите кон новинари блиски до власта и оние кои ја критикуваат.

„Доколку се воочи таков вид на дискриминација, тогаш зборуваме за институционална дискриминација, па дури и структурна дискриминација и тоа бара многу посериозна, подлабока реакција во МВР“, вели Најчевска.

Силната поделеност во општеството и несоодветната реакција на институциите е она што ги засилува ваквите постапки, оценува професор Ѓорги Тоновски.

„Кризата, економска, социјална, политичка директно се одразува на меѓучовечките односи во општеството и сигурно дека тоа потоа ескалира во разни облици, почнувајќи од јавни расправи, па сè до она што значат физички напади“, вели Тоновски, кој додава и дека на ваквата атмосфера во прилог и оди и не докрај јасното функционирање на системот на заштита.

„Привидно тој систем функционира многу силно, меѓутоа знаеме дека системот за безбедност е многу долго атакуван и разбиван во Република Македонија, така што сега недостига една ефикасна интервенција на тој систем за зачувување на она што значи основно право, а тоа е правото на живот“, вели Тоновски.