Ципрас се соочува со европратениците

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во неговиот говор пред Европскиот парламентрече дека сакаат компромис за да се избегне поделба во ЕУ.

„Ние добивме мандат за да најдеме трајно и праведно решение со избегнување на замките од минатото, кои ја осудија грчката економија“, рече Ципрас.

Тој рече дека Грција во последниве години стана поле за експериментирање на штедењето. Мора да се соочиме со реалноста дека експериментот не успеа, рече Ципрас.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск предевропратениците речедека оваа недела е краен рок за постигнување договор и за ставање крај на грчката криза. Туск рече дека чека нови предлози од грчкиот премиер Алексис Ципрас, кои треба да бидат претставени во најкусо време.

Еврокомесарот за економски прашања Пјер Московиси денеска изјави дека евентуален договор со Грција е „возможен и неопходен“, но зависи од способноста на Атина да изнесе реални предлози за реформи пред своите партнери од еврозоната.

„До недела треба да се најде решение и верувам дека тоа е можно. Договор е неопходен. Очигледно топката е во полето на грчките власти“, истакна Московиси.

Грција поднесе формално барање за спасувачки заем од посебниот фонд за поддршка на еврозоната, соопшти портпарол на Европскиот механизам за стабилност (ЕСМ). Министрите за финансии од Еврогрупата треба да го разгледаат барањето.