Најмалку 8 загинати во поплавите во Тбилиси

Најмалку осум луѓе загинаа, а неколкумина се водат како исчезнати по поројните дождови и големите поплави што ноќеска го зафатија главниот град на Грузија, Тбилиси.

Врнежите почнаа доцна синоќа, по што реката Кура која тече низ Тбилиси се преполни и однесе десетици автомобили, оштети објекти и далноводи. Беше поплавена и Зоолошката градина по што лавовите, тигрите, волците и други животни избегаа. Тројца од вработените во Зоолошката се меѓу загинатите. Некои животни останале затворени, а сè уште е непознато колку се на слобода.

Властите ги повикаа жителите да останат во своите домови додека животните не бидат пронајдени. Претседателот Гиорги Маргвелашвили вети дека обновата на оштетените објекти ќе почне набрзо. Заменик градоначалникот на Тбилиси Иракли Леквинадзе изјави дека според првичните проценки штетите се проценуваат на 10 милиони долари.