Над илјада демонстранти побараа правда за случајот Нешкоски

Повеќе од илјада граѓани поопладнево протестираа пред Владата барајќи правда за случајот Мартин Нешкоски, кој на овој ден пред четири години беше брутално убиен на Плоштадот во Скопје од страна на полициски службеник.

Демонстрантите носеа голем транспарент на кој пишуваше „Правда за Мартин“ и извикувајќи „Оставки, оставки“, Нема правда, нема мир“, „Убијци, убијци“, се упатија кон Министерството за внатрешни работи, каде беа спречени од полициски кордон да се приближат до зградата. Од таму тие се упатија кон заградата каде живее премиерот Никола Грувески, па маршираа назад до Владата.

Семејството на Мартин Нешкоски вчера во Јавното обвинителство поднесе кривични пријави против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, против Дејан Митревски, познат како Урко и против премиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Тие очекуваат правна разрешнца и сметаат дека е време Јавното обвинителство да преземе чекор.

„Целата ситуација затаи од врвот на власта, затоа и беа вчера поднесени тие тужби. И после четири години и нередите што се случија се последица од нефункционалноста на институциите и ги повикуваме да ги ослободат луѓето од сите кривичните дела или не знам како се заведени таму. Тоа е народ што се бори да профункционираат институциите, народ што сака слободно да живее, народ што не излегува на улиците да бара непријател меѓу полицајците, туку народ што сака да биде слободен во сопствената држава. Затоа ги повикуваме да почнат да функционираат институциите, сега веќе имаат и тужба со која можат да покажат доблест и да поведат постапки“, изјави братот на Мартин, Александар Нешкоски кој беше на чело на протестот заедно со неговата мајка.