Заев – Груевски бара законот да не биде пречка за договор

Заев вели дека Груевски бара од Јанакиески да биде повеќе договорно ориентиран кон големите компании, а не само да кажува дека нешто не е по закон.

Ќе слушнете признание лично од Никола Груевски како од своите министри бара да бидат договорно ориентирани и како на оваа власт ниеден голем проект не и успеал, најави на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Не се мачи Груевски, не барај нови жртви, ти си налогодавачот.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Од нелегално снимените телефонски разговори што Заев ги објави, тој вели дека се слушаат гласовите на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и Груевски, се слуша како се бара од министерот да биде повеќе договорно ориентиран кон големите компании, а не само да кажува дека нешто не е по закон.

Како влада не ни оди работата. Со ЕВН ништо, со аеродромот за влакно, со висококатниците, со енергетиката не ни оди, ниту една хидро-централа не сме изградиле, се слуша како вели еден од гласовите за кој Заев тврди дека е на Груевски.

Во вториот сет разговори, тој најави дека ќе се чуе како Груевски се интересирал за патот на 350 милиони евра за чешко-бугарска македонска фирма. Заев праша дали дел од парите завршиле и кај братот на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

На почетокот на прес-конференција, Заев порача дека досегашните три оставки не се доволни.

„Не се мачи Груевски, не барај нови жртви, ти си налогодавачот“, рече Заев.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Заев до Груевски: Напушти го премиерскиот кабинет

Инаку оваа триесет и четвртата т.н. бомба на опозицијата и денеска се презентира во Кампот пред Владата. Шаторите веќе единаесети ден се тука, а ова е прва прес-конференција на СДСМ на која се објавуваат прислушувани разговори по антивладиниот протест што се одржа на 17 мај. Овде во моментов се жителите на привремената населба пред владата но и други поддржувачи на опозицијата. За вечер од 18 до 19 часот е најавен протестен марш од кампот пред владата до Министерство за финансии под мотото „Стоп за народниот грабеж, бараме оставки“.