Владиката Петар на чело на маршот за поддршка на полицијата во Битола

Преспанско-пелагонискиот владика Петар и битолскиот градоначалник Владимир Талески беа на чело на колоната на маршот што попладнево се одржа во Битола за поддршка на македонската полиција. Владиката Петар изјави дека одбраната на татковината е света работа, па должност им е на граѓаните да им оддадат почит на оние кои го положија животот во нејзина одбрана.

„Одбраната на татковината е света работа и во тој контекст на нештата сметаме дека на секој наш граѓанин му е должност да им оддаде достојно внимание и почит на луѓето што се подготвени својот живот да го дадат за татковината. Токму поради тоа им оддаваме почит на оние кои ги жртвуваа своите животи за ние спокојно да живееме и оние кои беа ранети и сите кои учествуваа во одбраната на татковината од онаа терористичка организација“, изјави владиката Петар.

На протестот учествуваа над илјада битолчани, меѓу кои и луѓе на раководни функции во градот, пратеници, советници, директори на државни институции. Градоначалникот Владимир Талески истакна дека најважно е народот да остане сплотен во моменти кога повторно се покренуваат големите балкански вампирски политики.

Маршот се одржа низ Широк Сокак и заврши пред споменикот Ангел во Градскиот парк подигнат во чест на бранителите од Битола кои загинаа во конфликтот во 2001 година. Додека биеја камбаните, еден од учесниците на маршот македонското знаме му го врачи на припадник на битолската полиција.