Димовски - Меѓуетничките односи никогаш подобри

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Димовски - Меѓуетничките односи никогаш подобри

Меѓуетничките односи во Македонија, никогаш не биле подобри, вели Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција. Тој вели дека настанот во Куманово дополнително ги сплоти луѓето и тие покажаа дека не потпаѓаат под провокации. Но, ова, пак, покажа, вели Димовски, дека владата не е подготвена да го заштити својот народ.

По Куманово, како ги оценувате меѓуетничките односи во земјава?

Меѓуетничките односи и пред Куманово и после Куманово сметам дека остануваат исти. Нема опасност од нарушување на меѓуетнички односи, барем од она што јас го имам како искуство од работа на терен, од голем број на истражувања итн. Сметав и пред десет дена, а и денеска сметам дека подобри меѓуетнички односи не сме имале од периодот некаде пред 2000 година.

Меѓународниот фактор и домашните партии апелираат луѓето да бидат смирени и воздржани, но луѓето овој пат покажаа дека тие не се проблемот.

Народот не подлегна провокации. Она што го гледавме од снимките и она што го имавме од теренот, јас изминативе 2-3 дена на неколку пати се слушав со мои колеги, претставници од невладиниот сектор, кои директно беа во делот каде што се водеше таа таканаречена војна во Куманово. Контактите што ги имав со нив, а и она што го гледавме, сметам дека народот не подлегна и не наседна на провокациите, било да е на оние луѓе кои беа уфрлени во Куманово, било да е тоа на полицијата која реагираше. Луѓето излегле од населбата, но давале силна поддршка на она што значи официјална полиција и армија, не биле ниту логистика на одредени групации кои влегоа, а не потпаднаа ниту на провокациите однадвор.

На кого му одговара да се влоши состојбата во земјата и да се добие таква слика за Македонија, која два дена беше топ тема и во светските медиуми?

Имајќи ја предвид состојбата во Македонија последните два месеци, почнувајќи од оној период кога студентите го кренаа својот глас, па потоа се приклучија голем дел на професори, средношколци, наставници, па протестите поради убиството на Мартин Нешкоски итн., сметам дека ваквата ситуација е замачкување на очи и најповеќе ѝ одговара на власта за да се оттргне вниманието од секојдневните случувања, но сметам дека ова е само 24-часовна или 48-часовна епизода во Република Македонија и дека сето тоа што се случуваше и со средношколците и со студентите ќе продолжи како и ништо да не било, без разлика на најавите дека ќе има општа војна, не верувам во таквите информации за да се збуни и да се заплаши народот, но во секој случај ова што во моментов се случува, сметам дека власта не е подготвена да го заштити својот народ. Војувањето во 2001 година, кога ние имавме класична војна, шест месеци се водеше, ние имавме многу помалку воени дејствија, а ова за 24 часа ние изгубивме осум драгоцени животи, со што сочувствува секој македонски граѓанин, вклучувајќи ме и мене, сметам дека тоа што се направи е чиста будалаштина и мислам дека на Република Македонија не ѝ требаше ваква ситуација каква што се случуваше изминатите 2 дена.