Средношколци ги оставија униформите пред МОН

Средношколците во неколку вреќи ги собраа нивните училишни униформи и ги оставија пред Министерството за образование, а неколку униформи закачија на заштитната ограда пред Министерството и прашаа „ова ли се ваши реформи?“

Тие веќе еден месец ја бојкотираат наставата, а десетина дена кампуваат пред Министерството за образование, протестирајќи против, како што велат, лошите реформи во образованието. Тие бараат матурскиот испит да се полага по стариот концепт и да се укине екстерното тестирање. Владата им го прифати само првото барање.

Средношколците велат дека нема организирано да одат на протестот за барање одговорност за прикривањето на убиството на Мартин Нешкоски пред владата и оти ако некои нивни соученици веќе одат на тој протест да не се враќаат во Средношколскиот камп во Паркот на новинарите наспроти Министерството за образование за да не им дојде полиција и да ги натепа.

Средношколскиот пленум ги советува соучениците што кампуваат пред МОН, ако видат полиција, да влезат во оградениот дел на кампот и да седнат на земја за да покажат дека не сакаат насилство. Тие повикуваат на сличен протест и утре попладне. Велат дека продолжуваат со бојкотот на наставата и со кампувањето, а дополнително, на Генерален пленум, треба да одлучат кои ќе им бидат следните чекори.

Автомобилите кои поминуваат пред Паркот на новинарите и денеска со сирените им даваат поддршка на средношколците.