Приштина го осуди нападот во Гошинце

Министерството за надворешни работи на Косово го осуди нападот врз полициската станица во Гошинце. Во соопштението се наведува дека веста за нападот била примена со голема загриженост. Во него исто така стои дека најостро се осудува секој акт на насилство врз органите на редот на Македонија и истовремено се апелира на професионална и нееднострана истрага. Официјална Приштина искажува подготвеност да им помогне на македонските авторитети за да се откријат сторителите на овој акт. „Република Косово како фактор на стабилност во регионот, останува во решеноста за унапредување на климата на добрососедство, почитувајќи ги суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија, како соседна земја, како и целосната имплементација на Охридскиот договор, се наведува во соопштението на косовското МНР.