Столтенберг бара почитување на демократските вредности во Македонија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на заедничка прес-конференција со македонскиот премиер Никола Груевски во Брисел, побара да се почитуваат демократските вредности во земјата. Столтенберг одби да ги коментира информациите дека зад скандалот со прислушувањето во Македонија стојат странски тајни служби.

По средбата со Груевски во седиштето на Алијансата во Брисел, Столтенберг го нагласи значењето на слободата на печатот,и побара да и се дозволи на опозицијата нормално да функционира. „Бараме независна и темелна истрага за многу сериозните обвинувања. Оние кои се одговорни треба да одговараат за она што се случило“, рече генералниот секретар на НАТО.

На истата тема, македонскиот премиер Груевски рече дека на Столтенберг му ја опишал ситуацијата во земјата. И тој одби да ја коментира можната вмешаност на странски тајни служби, посочувајќи дека „тоа ќе биде дел од натамошна судска постапка, која ќе биде јасна и транспарентна. Отворени сме и за било каков мониторинг“, рече Груевски.

Соговорниците разговарале и за членството на Македонија во НАТО, а Столтенберг повтори дека главниот услов останува решението на спорот за името со Грција.