МОН: штрајкот во училиштата прекинат, наставата продолжува утре

Министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) по неколкудневни интензивни преговори, постигнаа заемно прифатлива спогодба по однос на сите отворени прашања, јавува МИА.

- Врз основа на заемно прифатената спогодба, Одлуката за генерален штрајк на СОНК се става вон сила. Истовремено, продолжуваат интензивните преговори во рамки на социјалниот дијалог, соопшти Министерството за образование и наука.

Министерството ги известува родителите и учениците, дека наставата од утре ќе продолжи нормално да се реализира во сите училишта.

Во рамки на социјалниот дијалог, Министерството за труд и социјална политика информира дека е постигната заеднички прифатлива спогодба во делот на јавните установи за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст.