Кој снимал во кабинетот на премиерот?

Просто е невозможно некој друг, освен македонските служби, да снимаат во кабинетот на премиерот. Ако не се бара кој ги објавил снимките во јавноста, тогаш тоа е знак дека го прави владата, велат аналитичарите.

Снимките од кабинетот на премиерот кои протекоа во јавноста, а на кои Груевски и Заев зборуваат за тоа кој му ги дал доказите на лидерот на опозицијата го отвораат прашањето кој всушност ги снимал видео материјалите.

Невозможно е да се стави во кабинетот на премиерот при толку силно човечко обезбедување и после толкаво техничко обезбедување. Логиката вели дека поставениот прислушен уред и камерата сигурно се од нашите служби.
Владимир Пивоваров, поранешен разузнавач.

Имено, наскоро по објавувањето, Заев го обвини Груевски дека тој ги снимал оние што доаѓале на политички средби во неговиот кабинет. Со реакција излегоа и од партијата на Груевски. ВМРО-ДПМНЕ ги повика надлежните институции да откријат од каде се снимките, дали смее да се објавуваат, кој го сторил тоа и дали се од законски издадени посебни истражни мерки.

Илустрација.

За професор Владимир Пивоваров нема дилема. Тој тврди дека е речиси невозможно некој друг освен домашните служби да стојат зад снимката.

Сè додека не видам некои активности од институциите со кои некој би се повикал на одговорност за сето тоа што се случи, нели излезе снимка од кабинетот на премиерот, сè додека тоа не се случи, имам право да верувам дека тоа е дел од стратегијата. Инаку, како може да се случи снимка од кабинет на премиер да излезе на Јутјуб?
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

„Не може да се работи во кабинет на премиер затоа што контра-заштита перманентно го чешла кабинетот за проверка на поставување на прислушни уреди, во секоја држава, не само кај нас, така што невозможно е да се стави во кабинетот на премиерот при толку силно човечко обезбедување и после толкаво техничко обезбедување. Логиката вели дека поставениот прислушен уред и камерата сигурно се од нашите служби“, вели Пивоваров и додава дека доколку хипотетички испадне дека зад нив не стојат домашните служби, тоа отвора други прашања.

„Значи, скоро невозможно е, но доколку тоа се случи, тоа е апсолутно распад на безбедносниот систем“, вели Пивоваров.

Аналитичарот Алберт Муслиу смета дека протекувањето на снимките од кабинетот на премиерот треба да биде сериозен поттик за власта да испита како тие можеле толку лесно да излезат во јавноста.

„Сè додека не видам некои активности од институциите со кои некој би се повикал на одговорност за сето тоа што се случи, нели излезе снимка од кабинетот на премиерот, сè додека тоа не се случи, имам право да верувам дека тоа е дел од стратегијата. Инаку, како може да се случи снимка од кабинет на премиер да излезе на Јутјуб? Од друга страна, верувам дека од саботата владејачката партија има стратегија со која се труди да го управува процесот на контролирање на евентуалните штети кои може да ги направат бомбите“, вели Муслиу.

Инаку, видео снимките што синоќа ги објавија медиумите, како што беше наведено, првично ги презеле од каналот Јутјуб.