Стари проблеми во новата година

Најголем интерес предизвикало интервјуто со Бубо Каров, а читателите коментирале и за „бунтот“ на професорите и студентите, за странските инвестиции...

Новата година си ги реди деновите, но граѓаните немаат нови проблеми, туку живеат со старите. Најголем интерес предизвикало нашето интервју со Бубо Каров, кој зборува за актуелните состојби во земјава, особено со згаснатата слобода на говор и сатиричен израз во домашните медиуми.

Но Пиле не го прифаќа ставот на Каров да се држи настрана од медиумите зашто, како што коментирал, синтагмата дека попаметниот попушта па макар и сто стапа добил по грбот, не само што нема етичка смисла во овој политичко неправен амбиент во земјава, туку отстапува и од кодот на македонскиот граѓанин да се бори за своја слободна држава.

Но Глигор од Кавадарци, на својот дијалект напишал: „Пола од населението у Мк да е како Бубо, ни ќе бијме Лихтенштајн или Луксембург у Европа, а не како сеа Африка!“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Професорскиот пленум и премиерот во расчекор

Не се пушта ТВ секоја вечер, инвестиции од каде ли не, дојдоа на власт и не знаат што прават, само не се тие криви.
Коментар на читател.

​Потпишан со Правда, пак, вели: „Толку многу Владата работи деноноќно, што дури наместо по еден вработен од фамилија, по двајца ставија во затвор“. Допрва ќе се види дали од „плишаниот бунт“ на универзитетските професори ќе има фајде, но љубителите на Радио Слободна Европа, по текстот за „Професорска наива наспроти политичка итрина“ коментираат дека „Насловот на текстот е сосема доволен“.

За надежта на студентите и професорите дека претседателот Иванов ќе стави вето на измените во Законот за високо образование, редовниот Незабеган коментира: „Ако му дозволи премиерот Груевски...“ И, некои наши посетители се согласуваат дека од патувањата на владини делегации на чело со премиерот за привлекување странски инвеститори има големи ефекти.

За Сашо од Скопје, насловот на нашиот текст: „Повеќе шоу отколку странски инвестиции“ е тенденциозен, но Кире од Битола коментира: „Не се пушта ТВ секоја вечер, инвестиции од каде ли не, дојдоа на власт и не знаат што прават, само не се тие криви, криви се овие овци што дозволија да ја пропаднат државава. Лица со комплекс на пониска вредност се многу опасни....“