Рубљата порасна по вчерашниот драстичен пад

Руската рубља поврати дел од својата вредност откако вчера драстично падна во однос на американскиот долар и еврото, при што еден долар се менуваше за скоро 80 рубљи. Денеска еден долар се менува за 64 рубљи. До зајакнувањето на руската валута доаѓа откако Министерството за финансии соопшти дека презема мерки за поддршка на рубљата преку продажба на девизи на пазарот. За утре е закажана прес-конференција на претседателот Владимир Путин на која треба да зборува за економските проблеми на земјата. Рубљата изгуби половина од својата вредност во однос на доларот од почетокот на годината, најмногу поради драстичниот пад на цената на нафтата на светските берзи, но и поради западните санкции против Русија поради нејзината улога во конфликтот во источна Украина.