Грчката Влада предложи пакет даночни олеснувања

Грчката коалициска Влада предложи пакет даночни олеснувања како дел од напорите да ги убеди Грците дека се приближува крајот на четиригодишното штедење, намалување на трошоците и економските тешкотии. Според предложениот план, пропуштени рати во вкупна вредност до 15.000 евра ќе може да бидат платени на 100 рати. Казните и каматите на задоцнети рати ќе се избришат, а над оваа сума ќе може да се плаќа до 72 рати.Големите должници, со над еден милион евра пропуштени рати, ќе можат да искористат до две одложувања на плаќањето во текот на една година. Но потоа дополнителната шема за нив нема да важи и неодложно ќе мора да ги подмират обврските. Се намалува и каматата за задоцнето плаќање, од 8,7 на 4,56 проценти.

Неплатените придонеси кон државните фондови достигнаа 9,7 милијарди евра за првите девет месеци од годината, додека вкупната сума е веќе околу 90 милијарди евра. Се смета дека голем дел од вкупната сума никогаш нема да биде наплатена.