Уставен - законот за прекинување на бременоста не го забранува абортусот

Уставниот суд смета дека законот за прекинување на бременоста не го забранува абортусот. Не ја доведува во прашање слободата на одлучување туку само ја уредува постапката и им ја доверува на стручните лица од комисиите, смета мнозинството уставни судии. Судијата Јован Јосифовски вели дека Законот не е во спротивност со Уставот. Републиката има посебни овластувања за заштита на децата и мајчинството и ова се прави во нивен интерес.

Судот расправаше за 15 члена од Законот за прекинување на бременоста, но одлучи да не поведе постапка.

На седницата Уставниот суд не поведе постапка за неколку оспорени членови од Законот за заштита на населението од заразни болести, Законот за заштита на децата и Законот за основно образование во врска со задолжителното вакцинирање. Имајќи предвид дека судиите не покренаа иницијатива и понатаму на сила ќе остане решението со кое вакцинацијата е задолжителна за десетина зарази, родителот да покаже документ за сите вакцини пред да го запише детето во прво одделение.

Судот го укина членот од Законот за готовински плаќања, донесен 2001 година, кој предвидуваше можност купувачот или примателот на услугата да не плати стока, односно услуга, доколку не му се издаде фискална сметка. Уставен укина уште еден член од овој закон, кој предвидуваше глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност за физичко лице - корисник на услуга доколку не побара фискална сметка или пак фискалната сметка не ја чува најмалку 15 метри од местото на прометот.

Судот укина и членови и одредби на други закони.