Медицинска сестра во Шпанија заразена со ебола

Медицинска сестра во Шпанија e заразена со ебола, со што стана првиот човек заразен од вирусот, надвор од Западна Африка, центарот каде што почна тековната епидемија. Сестрата третирала двајца шпански мисионери, кои починаа од ебола, откако беа пренесени дома од Западна Африка. Со овој случај се покажува опасноста по здравствените работници, не само во слабо опремените болници низ Западна Африка, туку и кај пософистицираните медицински центри во Европа и САД.

Во меѓувреме, американскиот претседател Барак Обама ги објави плановите да се скенираат патниците кои доаѓаат во САД. Соопштението дојде откако еден американски новинар кој работел во Либерија е заразен со ебола и префрлен во САД на лекување. Светската здравствена организација процени дека од еболата досега починале 3400 луѓе.