Реакција на грчкото МНР на фотографиите на Милошоски од Олимп

Потпретседателот на македонското Собрание Антонио Милошоски, изминатиов викенд на својата Фејсбук страница објави фотографии од искачувањето на планината Олимп, на кои го држи знамето од Кутлеш, што предизвика реакција на официјална Атина.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Константинос Кутрас објави пишана изјава во која се вели:

„Му благодариме на господинот Милошоски што ја посети нашата земја и што се фотографираше во Грција со сонцето од Вергина, грчки национален симбол. Не го охрабруваме, сепак, тоа да го направи во неговата земја, затоа што тоа ќе биде уште една повреда на Привремената спогодба и на Меморандумот за практични мерки“, стои во пишана изјава на Кутрас.


Како што јави дописникот на МИА од Атина, тој уште додава дека „провокациите можат да ги оправдаат грчките ставови против секаков иредентизам, но тие не помагаат никому. И секако не на ПЈРМ и нејзиниот народ“.