Адеми: Замена, а не бркање од работа на наставниците кои штрајкуваат

Министерот за образование Абдулаќим Адеми.

Со предложените измени на законите за основно и за средно образование, кои влегоа во собраниска процедура, не предвидува бркање од работа на наставниците и професорите кои ќе штрајкуваат, рече министерот за образование Абдулаќим Адеми на денешната прес-конференција. Главната цел на предложената одредба, доколку се усвојат измените на законите, е да нема прекин во наставата, зашто образовниот процес е јавен интерес. Во никој случај не ни е намерата да ги прекршуваме работничките права, но ако има прекин на наставата треба потоа да носиме посебни програми. Во никој случај не сакаме да имаме влијание на одлуката на СОНК дали ќе штрајкува или не. Тоа е нивно право и го гарантира и Уставот и законите, рече Адеми одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.

Тој појасни дека по барање на директорите на училиштата до градоначалниците на општините, а за државните училишта до министерот, може привремено да се вработуваат нови наставници кои ќе ја продолжат наставата додека трае штрајкот.

Адеми нагласи дека се отворени за соработка со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) со чии претставници, како што рече, имал само една средба која траела 20-ина минути.