Германија го декласира домаќинот Бразил со 7-1 во полуфиналето

Германија вечерва го декласира домаќинот Бразил со 7-1 во полуфиналето на Светското фудбалско првенство. Во финалето в недела Германија ќе се судри со победникот од утрешниот дуел Аргентина-Холандија.

Германците против Бразил водеа со 5-0 по само половина час игра. Резултатот го отвори Милер во 11 минута, Клосе стрелаше во 22, Крос погоди во 24 и во 25 минута, а Кедира го даде последниот гол во првото полувреме во 29 минута. Двата гола за Германија во второто полувреме ги даде Шурле во 69 и во 79 минута. Почесниот гол за Бразил за конечни 7-1 го даде Оскар во последната минута од натпреварот.

Ова е најубедливата победа во полуфинален натпревар на едно Светско првенство во историјата. Досега рекордот го држеа натпреварите Уругвај-Југославија и Аргентина-САД во полуфиналето на светското првенство во 1930 година во Уругвај. Двата натпревари завршија со 6-1.

По овој натпревар, германскиот голгетер Мирослав Клосе е најдобриот стрелец на сите времиња на Светските првенства со 16 постигнати голови. Пред вечерашниот дуел Клосе беше изедначен со Бразилецот Роналдо со по 15 постигнати голови на Светските првенства.