Македонските рок мајстори со хуманитарен концерт за Сокол

Легендарните ЛЕБ И СОЛ, ТОКМУ ТАКА, Гаро Тавитјан, Мики Јовановски Џафер, Зорица Попанкова, Коце Икономов. ЛЕВА ПАТИКА, ПРПЛ/ЦЕПЕЛИН, НОН СТОП...се само некои од учесниците на големиот Хуманитарен концерт за Митко Мустачки Сокол – гитаристот на составот КАРАМЕЛА, што треба да се одржи овој понеделник, на 23 јуни, од 20 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје – местото каде што ги сторија своите почетоци и каде што се испишуваше историјата на македонскиот рокенрол.
Митко Мустачки Сокол е една од легендите на Македонската рок сцена. Тој е гитарист, врвен мајстор и еден од оние кои живеат за и од музиката. Своевремено распнат помеѓу свештеничката професија и сопствената потреба да ја артикулира младешката енергија, тој на крајот на 1970-те ја одбра сцената. Неговите гитарски сола беа еден од заштитните белези на КАРАМЕЛА, хард-рок составот со интернационална репутација и дружината во која беа пејачот и клавијатурист Стојанчо Андонов Тонка ( ака Енди Стоун), басистот Слободан Дане Крапевски, гитаристот Златко Стојковски – Леткум, тапанарот Благоја Бек Трпковски ...
Убаво е што ќе се собереме да се видиме иако поводот е таков што е и цврсто верувам дека таквото собирање нема да биде само симболично, туку дека ќе се собере и некој денар во овие моменти кога човекот се бори со тешката болест.
Венко Серафимов.


За него се уште кружи легендата дека е инструменталист кој преку вибрирањето на гитарските жици може да го долови исконскиот писок на гајдата, а младите генерации го почитуваа и по неговото упорно настојување да им отвора простор во медиумите во кои подоцна работел како музички соработник или уредник.
Но како што понекогаш бива во животот, Митко Мустачки во последниве неколку години тешко боледува, па така никого нималку и не го изненади идејата на неговите пријатели и колеги да се организира Хуманитарен концерт за Сокол насловен како „Рок мајстори“.

Јас сум убеден дека така ќе биде и вечерва. Покрај тоа што претпоставувам ќе биде добра свирка или добар хепенинг, најдраго ќе ми биде ако сето ова што ќе го направиме му помогне во голема мерка на нашиот колега Сокол со кој заедно војувавме на рок сцените во времето додека бевме активни.
Љупчо Бубо Каров.
На ова случување, кое ќе се одржи овој понеделник, разбирливо во Младинскиот културен центар во Скопје, местото каде што тие ги сторија своите почетоци и каде што се испишуваше историјата на македонскиот рокенрол, ќе настапат легендарните ЛЕБ И СОЛ, ТОКМУ ТАКА, Гаро Тавитјан, Мики Јовановски Џафер, Зорица Поп Анкова, Коце Икономов – некогашниот гитарист на БИС-БЕЗ и на Танцовиот оркестар на МРТВ. ЛЕВА ПАТИКА, ПРПЛ/ЦЕПЕЛИН, ТОА Е ТОА, Петар Георгиевски Камиказа...Тука се и Бени Шаќири и НОН СТОП, младите гитаристи Дамјан Пејчиновски, Игор Становски, Давид Нешковски и други.

Здравко Ситновски – Ситна, еден од организаторите на концертот и неодминлив лик на урбано Скопје, вели дека тие едноставно не можеле да останат неми на тешката здравствена состојба на својот пријател и познат музичар и затоа се решиле да ги соберат не само генерациски блиските колеги, туку и сите оние кои ја чинат иднината на актуелната македонска музичка сцена и дека очекуваат масовност на ова хуманитарно случување.

Венко Серафимов, гитаристот на КОНКОРД и сега ПРПЛ/ЦЕПЕЛИН и ТОА Е ТОА, пак, ќе рече дека би сакал ваквата иницијатива да се престори во традиција на која би се потсетувале секогаш кога некому од еснафот или на било кој човек би му било потребно укажување почит и се разбира помош од било каков вид.

„Со Митко Мустачки Сокол сме другари повеќе од 40 години. Ние сме иста генерација на гитаристи од втората половина на 1970-те години кога почнавме да свириме по скопските бендови. КАРАМЕЛА беше еден бенд кој во исто време делуваше кога работев со КОНКОРД, ПЕНИЦИЛИН, МОРАЛ...и до ден денеска се гледаме, се дружиме...Тој е редовен посетител на овие свирки што ги правиме како ПРПЛ/ЦЕПЕЛИН...тоа се мали средби на љубителите на таа музика на која тој редовно присуствуваше и наедно е искрен вљубеник, ентузијаст и познавач на таа музика од седумдесеттите години на минатиот век. Убаво е што ќе се собереме да се видиме иако поводот е таков што е и цврсто верувам дека таквото собирање нема да биде само симболично, туку дека ќе се собере и некој денар во овие моменти кога човекот се бори со тешката болест. “

Љупчо Бубо Каров, басистот на кавадаречката легенда ТОКМУ ТАКА, истакнува дека нему му е навистина жал што рок музичарите порано се собирале многу почесто и тоа за поубави поводи, но потенцира дека тие се чудна фела и кога некому му е тешко знаат да иницираат акција и да си помогнат еден на друг.

„Јас сум убеден дека така ќе биде и вечерва. Покрај тоа што претпоставувам ќе биде добра свирка или добар хепенинг, најдраго ќе ми биде ако сето ова што ќе го направиме му помогне во голема мерка на нашиот колега Сокол со кој заедно војувавме на рок сцените во времето додека бевме активни. Мислам дека покрај тоа ќе пратиме и до сите луѓе, посебно до помладите генерации, дека кога има потреба луѓето треба да си помогнат едни на други. Не се сомневам дека сме таква нација, меѓутоа ова ќе биде само уште еден доказ за тоа.“